
Но, што ако сето тоа не е вистина?
Дали знаете како да препознаете лажни вести и зошто треба добро да размислите пред да споделите информации на социјалните мрежи?
Добредојдовте на порталот за медиумска писменост „Часорис“ (Časoris).
Заедно, можеме да го запреме ширењето на лажните информации и да станеме одговорни корисници на медиумите, и на тој начин да придонесеме за подобар живот и подобра иднина за децата – и онлајн и во реалниот живот.
Дали вистината сè уште е важна?
- Можете ли да разликувате веродостојни информации од лажни?
- Дали знаете како да идентификувате лажни информации и други облици на дезинформации?
- Знаете ли како да проверите дали може да ѝ верувате на информацијата на која сте наишле?
Кога ќе слушнете некакви необични вести, ако се прашувате дали се премногу неверојатни за да бидат вистинити, тогаш може да кажете дека сте медиумски писмен.
Но, секој може да наиде на погрешни информации коишто се доволно убедливи за им поверува.
Кои алатки можат да ни помогнат да го направиме тоа?
Истражете ги можностите што ги нудиме на порталот за медиумска писменост „Часорис“ и станете активни медиумски писмени граѓани.

Што е медиумска писменост?
Медиумската писменост значи способност за пристапување до веродостојни информации; способност за анализа, оценување и критичко размислување за информациите; способност за создавање различни пораки (за печатени медиуми или онлајн, како пишан текст или во видео формат); како и дејствување врз основа на добиените информации.
Медиумската писменост им помага на децата и на возрасните да ја разберат улогата на медиумите во општеството. Таа ги зајакнува основните вештини за истражување и за самоизразување што им се потребни на граѓаните во едно демократско општество.
За наставниците
Порталот за медиумска писменост „Часорис“ ви нуди можност постојано да стекнувате нови знаења, да разменувате најдобри практики и делотворно да го пренесувате искуството во училницата.
За сите
Порталот за медиумска писменост „Часорис“ нуди бројни бесплатни ресурси за јавноста, вклучително и видеа, постери, летоци и разни совети и алатки. Погледнете ги!
Најчесто поставувани прашања и одговори
Што нуди порталот за медиумска писменост „Часорис“?
Имате пристап до бројни бесплатни ресурси коишто им помагаат на наставниците да подучуваат за медиумската писменост, како и на родителите и на пошироката јавност да научат како да утврдат дали некои информации се веродостојни или не.
За наставниците се достапни и бројни корисни, креативни и иновативни содржини, со инструкции за подготовка на предавањата. Тука имате актуелни и релевантни вести за деца од онлајн весникот „Часорис“ и упатства за нивна примена во училницата. Истите се подготвени од наставници од различни основни училишта. Преку нив, наставниците успешно ги подучуваат учениците како да користат доверливи извори на информации и на интересен начин им покажуваат што се случува во нивната земја и во светот. Предлог-програмата за обука е достапна за секого, а пристапот до други програми за обука е достапен само за претплатниците.
Работилниците и онлајн семинарите за наставниците, а по договор и за други заинтересирани, секогаш носат нови знаења, овозможуваат размена на најдобри практики, како и пренесување на искуството во училниците. Учесниците се обучуваат да станат експерти за медиумска писменост.
Јас не сум учител - кои содржини на порталот за медиумска писменост „Часорис“ може да ми бидат корисни?
За родителите и за пошироката јавност подготвивме пакет алатки којшто содржи интерактивни игри, видеа и анимации, постери, еден прирачник и разни совети.
Пакетот содржи алатки коишто ги подготвивме ние во организацијата, или, пак во соработка со странски организации.
Во „Часорис“, на пример, ја подготвивме брошурата „Децата и медиумите“ и серијата видеа „Ловци на лажни вести“. Дополнително подготвивме постери коишто ги сумираат суштинските информации.
Ги преведовме и ги уредивме и интерактивните игри Bad News, Bad News Junior и Harmony Square, како и летокот „Како да препознаеме лажни вести“ и „poD.V.O.M.I.Š.
Што претставува проектот Медиумска писменост за одржлива иднина?
Со овој проект, Завод Часорис го поттикнува користењето на медиумите, читањето вести и идентификувањето сигурни извори на информации во основните училишта.
Наменет е за едукација на нови генерации информирани и активни граѓани и на тој начин да придонесе кон зајакнување на демократијата.
Еден од резултатите на проектот е порталот за медиумска писменост „Часорис“.
Активностите што ги осмисливме во проектот Медиумска писменост за одржлива иднина (MIL4SF), финансиран од Амбасадата на САД во Словенија, ќе се реализираат како дел од идните проекти.
Како да израснете нова генерација информирани и активни граѓани?
Наставниците ги вклучуваат тековните дневни вести во редовните часови преку внимателно осмислени планови за реализација на часовите.
Преку поставени дидактички цели, наставниците ги поттикнуваат децата редовно да користат доверливи извори (не само Тикток), како и да размислуваат за веродостојноста на вестите и на информациите со коишто се среќаваат.
Преку примена на наставни помагала, наставниците на интересен и на суптилен начин ја зајакнуваат писменоста за вести кај учениците.
Што подразбира писменоста за вести?
Писменоста за вести подразбира способност да се знае и да се разбере улогата што ја имаат слободните медиуми во демократијата, како и да се препознае веродостојното новинарско известување во медиумите и неговата важност за секојдневниот живот и за функционирањето на општеството.
Личноста која поседува вакви вештини може критички да ја процени веродостојноста на вестите во медиумите.
Што е медиумска писменост?
Медиумската писменост е способност за пристапување, анализа, проценување и создавање медиумски пораки во различни облици и на различни платформи, како и способност да се дејствува согласно стекнатото знаење.
Што е образование за медиумска писменост?
Образованието за медиумска писменост за деца и за возрасни помага да се разбере улогата на медиумите во општеството. Тоа ги зајакнува основните вештини за само-рефлексија и за изразување што им се потребни на граѓаните во едно демократско општество.
Како се разликува писменоста за вести од медиумската и од дигиталната писменост?
Постојат неколку области на писменост коишто го поттикнуваат критичкото размислување кај корисниците на медиумите.
Медиумската писменост ги опфаќа компетенциите што овозможуваат критичко и ефективно користење на информациите и на другите содржини во медиумите. Медиумски писмените луѓе се способни да пристапуваат, да анализираат, да оценуваат и да создаваат медиумски содржини, но и да дејствуваат согласно знаењето што го стекнале.
Писменоста за вести помага да се разбере улогата на веродостојните информации и на слободните медиуми во нашите животи и во демократските општества, како и да се препознае веродостојноста на вестите и на другите информации.
Информациската писменост им овозможува на луѓето да ги пронајдат, да ги проценат и да ги користат потребните информации на ефективен начин.
Дигиталната писменост им овозможува на луѓето да ги користат информациските и комуникациските технологии на ефикасен, одговорен и етички начин.
Зошто писменоста за вести е толку важна во моментов?
Живееме во време кога дезинформациите и недоволно развиената писменост за вести ја загрозуваат демократијата.
Слободното и независно новинарство, како и способноста да се утврди дали информациите што доаѓаат до нас се веродостојни, се од суштинско значење за иднината на демократијата.
Во истражувањето на Mirror of Slovenia (Ogledalo Slovenije) од октомври 2022 година и од април 2023 година, беше утврден тренд на недоверба во медиумите, новинарите, телевизиските водители и во РТВ Словенија. Нивото на доверба во медиумите, во 2022 година достигна најниско ниво споредено со последните десет години; новинарството останува професија со ниско ниво на доверба.
Писменоста за вести помага да се разбере важноста на слободното новинарство во демократијата, вклучително и како да се препознае и да се бара новинарство засновано на утврдените стандарди. На тој начин се гради почит кон квалитетното новинарство. Потпирањето на новинарските стандарди засновани на факти е најдобриот начин за мерење на веродостојноста на вестите и на другите информации.
Погрешните информации имаат влијание врз сите области од секојдневниот живот – од здравството и финансиите, до нашите лични вредности. Ако не можеме да се потпреме на основни факти, тогаш не можеме да носиме информирани одлуки за нашите животи и за заедничкото управување со нашите заедници.
Дезинформациите и лажните вести се појавуваат затоа што некој сака истите да ги искористи за да влијае врз нашите верувања и однесување, или, пак, да заработи пари од тоа.
Многу често, а особено за време на избори, ширењето дезинформации има цел да создаде конфузија и поделеност.
Најдобар начин за борба против дезинформациите и минимизирање на штетата од нив, е постоењето на добро информирана јавност којашто ќе може да ги препознае и да ги отфрли лажните информации.
Како да знаеме дека образованието за медиумска писменост е успешно?
Откако почнавме да работиме со наставници и во училница, оценувањето на нашата работа ни претставува приоритет. Резултатите покажуваат дека наставниците го сакаат образованието што се однесува на писменоста за вести, што е интересно и за учениците. Истовремено, тоа ги поддржува и целите на наставната програма.
Во проектот Медиумска писменост за одржлива иднина работиме заедно со наставниците. Тие ги избраа и содржините што сакаат да ги користат на часовите. Врз основа на вестите од „Часорис“, наставниците се автори на плановите за реализација на часови коишто потоа другите наставници ги тестираа во училницата.
Методот за зајакнување на капацитетите на наставниците за медиумска писменост и активно граѓанство преку примена на новинарски содржини во училницата за прв пат беше развиен во учебната 2021/2022 година како дел од проектот Еразмус+ KidsTrustNews. Мојца Качјан од основното училиште „Ползела“ во својата тогашна оценка напиша: „Сите наставници, без разлика кој предмет го предаваме, треба да се грижат за читањето и за медиумската писменост, како и за подигањето на свеста за она што се случува во светот“. Нејзините зборови нѐ поттикнаа дополнително да ги унапредиме нашите материјали и да го осмислиме порталот „Часорис“ за медиумска писменост.
Проектот Медиумска писменост за одржлива иднина вклучи 98 наставници од 24 основни училишта. Тие ја спроведуваа пилот-наставната програма со 3.500 ученици во сите тријади од основното образование.
Сите наставници кои учествуваа во проектот, во прашалникот за оценување одговорија дека ќе им ги препорачаат материјалите на своите колеги.
Тие, исто така, изјавија дека 60% од нивните ученици се заинтересирани за актуелните вести. Истовремено, тие оценија дека најголемиот дел од учениците, односно 80%, не се медиумски писмени и дека 63% од нив не препознаваат дезинформации или неточни информации кога ќе наидат на нив.
Дури 89% од наставниците изјавиле дека нивното разбирање за медиумската писменост се подобрило со учеството во проектот. Најголем дел од нив, 84%, исто така потврди дека материјалите се корисни за подучување на учениците во областа на медиумската писменост.
Оценувањето на ефективноста на материјалите за учениците ќе се мери во учебната 2023/24 година.
Која е вашата визија?
Сакаме децата да научат да ја препознаваат важноста на веродостојните медиуми и, како и генерациите пред нив, да се навикнат да следат вести на коишто може да им веруваат.
Ние се стремиме да ги направиме медиумската и информациската писменост составен дел од процесите на учење. Ова ќе придонесе кон целта граѓаните од сите возрасти да можат да препознаваат веродостојни вести и други информации и да разберат дека слободните медиуми имаат суштинската улога за демократијата.
Како можам да се вклучам?
Доколку предавате и сте ја препознале важноста на медиумската писменост во училиштата, поканети сте да се придружите на тимот ментори ентузијасти кои знаат колку е важно децата да следат веродостојни вести. Тие се свесни и за важната улога на медиумите во едно демократско општество и се подготвени да го пренесат ова суштинско знаење на своите ученици и колеги.
Сите училишта лесно можат да им овозможат на наставниците пристап до корисни и едноставни иновативни материјали за учење. Овие материјали се погодни за сите тријади во основното образование, за настава по еден предмет, за интердисциплинарна настава или за тематски час.
Подготвивме и интерактивни работилници за медиумска писменост за наставници, за основци и за студенти. За повеќе информации пишете ни на urednistvo@casoris.si.
За родителите и за пошироката јавност се достапни и бесплатни алатки за медиумска писменост.
Сите сте срдечно поканети да читате „Часорис“ заедно со децата. Можете да нѐ следите и на социјалните мрежи: Фејсбук, Инстаграм, X и Тикток.
Можете да нè поддржите со испраќање пораки на Casoris5 на 1919. Секоја донација преку пишана порака за нас е потврда дека работиме добро и дека се движиме во вистинска насока. (само за словенечката публика)
Сакам да знам повеќе за онлајн весникот „Часорис“
Časoris – „Часорис“ е меѓународно наградуван и бесплатен онлајн весник за деца. Со него ги инспирираме и ги охрабруваме децата да станат информирани, активни, сочувствителни и одговорни граѓани на светот. Весникот објавува вести од 2016 година.
Секој ден, „Часорис“ објавува актуелни, автентични вести од Словенија и од светот, како и информации за спортски, за културни настани и за научни откритија. Притоа, ние ја почитуваме и се придржуваме кон нашата уредувачка политика и кон другите општи правила и услови.
Што велат експертите?
Проекти на „Часорис“
Медиумска писменост
Од 2024 година Завод Часорис го спроведува проектот Меdiawise којшто е финансиран од Амбасадата на САД во Словенија и Стејт департментот, како и проектот YoCoJoin којшто е кофинансиран од Европската Унија.